Општина Штип во уште еден обид за воспоставување на општински јавен превоз.

Ако првиот тендер не успеа поради тоа што немаше ниту еден заинтересиран превозник, со образложение за малите суми за субвенции, новиот тендер кој допрва ќе се распишува ги зголемува истите за 100 %. Ова нема да биде единствената измена, има промена во условите, начинот и постапката за доделување на линии на превозниците, со цел на новиот тендер да има зинтересирани превозници.

Овие измени беа прифатени на денешната седница на штипскиот Совет. Субвенционирањето се зголемува за околу 900.000 денари. Со оглед на тоа што во претходниот тендер за оваа намена се планирале 1.054.080 денари, според новиот тендер, сега ќе се понудат 1.950.912 денари, средства за кои опозициските советници прашаа но не добија одговор, од која ставка во Буџетот ќе бидат обезбедени.

„Правата измена се однесува на сумата на субвенционирање, којашто општината ја доделува, се однесува на линиите коишто не се во термините засегнати со превозот на ученици. Оваа сума којашто првично требаше да ја субвенционира општината беше 40 денари за еден километар, сега е зголемена за 100% и изнесува 80% за конкретните линии,“информираше на денешната седница Оливера Блажевска,сообраќаен инспектор во општината.

Критериумите остануваа исти но има измени и во распределбата на бодовите. Ако претходно превозник можеше да биде само правно лице со седиште во Штип, сега може да се пријави секое правно лице коешто ги исполнува условите.

„Првиот критериум-цената, има најмногу бодови, кои претходно беа 30, сега се 60. За просечната старот на возилата, претходно носеа 25, сега 25 бодови и третиот критериум за бројот на вработени возачи што носеше 10  бодови, со измените за двајца вработени по линија следуваат 5 бодови и над двајца вработени по линија 10 бодови,“ образложи Блажевска.
Со одлуката која Советот ја усвои во март се предвидуваше цена од 25 денари за дневен билет и месечен од 600 денари за градската зона. За Зона 2, пак, која ги опфаќа населбите Балканска и Македонка требаше дневен билет да се плаќа по 30 денари, а месечен за 700 денари. Цената на билетите највисока беше во Зона 3, која ги опфаќа населбите Три Чешми, Чардаклија и Стар Караорман, и ако патуваат од таму, според првичната одлука, граѓаните требаше да плаќаат 40 денари за дневен билет и 900 за месечен.
Воведувањето на јавниот превоз требаше да значи и крај на договорите со операторите кои ги превезуваат учениците, а возниот ред да биде утврден најмногу според нивните потреби.