На новата локација во близина на Мирјанина црква денес беа поделени клучевите од типските куќи за 41 семејство кои досега живееја во привремени сместувања и се водат како ризична категорија граѓани. Со нивното преселување, старите простори – меѓу кои и објектот на поранешното нервно одделение и делови од централното градско подрачје – ќе бидат расчистени и подготвени за понатамошно уредување.

Градоначалникот Јорданов истакна дека започнат е процесот на предавање на објектите на семејствата кои со години престојуваа во привремени услови. „Во следниот период очекуваме да стартува рушењето на старите бараки во кои беа сместени граѓаните, а трите локации целосно ќе се исчистат“, рече тој.

Паралелно со овие активности, при крај се и градежните работи на булеварот „Партизанска“. Завршува поставувањето на сообраќајната сигнализација и канделабрите, по што овој дел од градот ќе добие целосно нов изглед.

Проектот е реализиран со финансиска поддршка од Општина Штип и Европската Унија, со што на 41 семејство им се обезбедува траен дом, а градот добива можност да ги ослободи и уреди досегашните запуштени локации.