Со доделувањето на уверенијата започна конситуирањето на штипската општинска власт. Во Штип изборите за градоначалник завршија во првиот изборен круг, по што, за прв пат еден градоначалник доби втор мандат од граѓаните.

Општинската изборна комисија денеска ги додели уверенијата на градоначалникот Иван Јорданов и на 23-цата советници.

На свеченоста, градоначалникот Јорданов ги повика сите да работат заедно, за како што рече да го искористат потенцијалот на градот и да го моделираат во урбан и современ центар. При тоа, упати неколку пораки – до советниците, до општинските административци и граѓаните.

„Да се обратам до советниците – да бидете конструктивни критичари, но и одлучни во носењето на одлуки за развој на нашиот град. Да ги повикам и да се обратам до сите вработени во општината, да работите посветено, трудољубиво, затоа што Штип е ваш и наш дом и само така ќе придонесеме во развојот на нашиот град. Се обраќам до нашите сограѓани, затоа што сите ние живееме во нашиот град и имаме колективна одговорност заедно да го изградиме ова наше место да биде поубаво, помодерно за сите нас. Во изминатите години освен реализираните проекти, бев сведок и на многу недостатоци кои треба да се променат и да се коригираат. Ветувам многу работа, посветеност, жртва, вклучувајќи ги сите чинители, сите вас, за да овие недостатоци да бидат коригирани, рече градоначалникот Јорданов.

Иван Јорданов доаѓа од ВМРО ДПМНЕ и е еден од најмладите градоначалници, кои до сега раководеле со Штип. По професија е економист, доаѓа од Упрвата за јавни работи, има 37 години.

Јорданов ја има целосната поддршка од општинскиот Совет, каде мнозинството со 16 советници од вкупно 23 члена, се од коалицијата што ја предводи неговата партија, идентично како и во првиот мандат, каде одлуките поминуваа лесно и без проблем. Во Советот СДСМ ќе има 4 мандати, два помалку од претходниот состав, Левица два – еден повеќе и еден член е претставуван од ЗНАМ.

Во составот на Советот има двајца доктори – специјалисти, двајца универзитетски професори, неколку наставници и професори во средното и основно образование и по некој работник и луѓе од приватниот сектор.

Штип меѓу два изборни циклуси од лани до сега е со помалку од 800 гласачи, кои во меѓувреме трајно се иселиле. Пред новата општинска власт се значајни предизвици од многу аспекти. Јорданов вети инвестиции во како што рече, нови модерни булевари, нови зелени површини, современи услови во училиштата и градинките, модерна спортска инфраструктура, инвестиции во културата.

Граѓаните пак, според досегашните сондажи, очекуваат зелен и чист град, но без агресивното градење на станови, како до сега, решавање на сообраќајниот хаос и проблемот со окупираните јавни површини и тротоари како и повеќе слух за граѓанските потреби отколку за приватните и бизнис интереси.