Штипско Ново Село си го враќа автентичниот изглед со поплучување на улиците. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на средба со новинарите ја најави втората фаза од проектот за поплочување на улиците.

Како што истакна градоначалникот, во наредните неколку месеци ќе се работи на овој проект со кој неколку улици ќе бидат поплочени со камени плочи со што ќе ја зачуваат автентичноста.

  • Ја користам приликата да ја најавам втората фаза од реализацијата на проектот за поплочување на улиците во Ново Село во автентичен стил. Станува збор за поплочување на улиците „Ѓуро Ѓаков“, „Сане Малинов“ „Никола Карев“, дел од улица „Димитар Влахов“ кои се проект на Општина Штип и од Бирото за рамномерен регионален развој. Станува збор за инвестиција вредна нешто помалку од осум милиони денари, вели Јорданов.

По завршување на поплочувањето на улиците според најавите од градоначалникот Јорданов, ќе се пристапи кон реализација на проектот за уредување на фасадите на одредени објекти и куќи на самите улици, а ќе се работи и на реконструкција на бања Кежовица и изворот Л’џи.