Со академија, на која беа доделени признанија и пораки за значењето на наставничката професија, Општина Штип денеска го прослави 5 Октомври – Денот на учителот. Настанот, кој веќе традиционално се организира, беше посветен на сите наставници и професори кои секојдневно ја градат иднината преку образованието.

Една од добитничките на признание, Ванѓе Манева – одделенски наставник во ООУ „Тошо Арсов“, ја понесе титулата „наставник на годината“. Таа вели дека честа е огромна, но уште поголеми се предизвиците што ги носи оваа професија. „Секојдневно се соочуваме со нови ситуации. Секоја учебна година носи различни предизвици, а мојата цел е од секоја генерација да изградиме зрели личности подготвени за општеството,“ истакна Манева.

Свеченоста беше проследена и со обраќање на Снежана Санева, раководителка на Секторот за образование, јавни дејности и ЛЕР. Таа нагласи дека наставниците не се само пренесувачи на знаење, туку и вистинска инспирација за учениците. „Со нивната работа тие мотивираат, охрабруваат и го градат патот на идните генерации. Влогот на наставникот во општеството е огромен, а образованието мора да остане темел врз кој ќе ја градиме иднината на нашата заедница,“ рече Санева.

Со оваа свеченост, Општина Штип уште еднаш ја нагласи почитта и благодарноста кон наставниците, чие влијание врз младите генерации е од непроценливо значење.