Педесет години по првата младинска работна акција, ветерани од целата држава, но и од поранешните југословенски простори, денеска се собраа во Штип. Јубилејот „Плачковица“ ги врати на местата што некогаш биле симбол на младешка енергија и колективен дух.

Собирот започна со посета на собата на Киро Глигоров и музејот во градот, а заврши на Исарот – локации кои, според учесниците, се дел од нивната историја. Најголемата гордост, велат тие, и денес останува патот долг 43 километри што го изградија со сопствени раце, поврзувајќи го Штип со Плачковица.

„Сега генерациите се поинакви. Тешко е да се привлечат млади, а тогаш сè беше исполнето со елан,“ изјави акцијашот Димовски, со доза на носталгија.

Драган Миладиновски, пак, се присети на поубавите моменти, нагласувајќи дека акциите биле повеќе од работа: „Се создаваа пријателства, љубови, младите учеа што значи одговорност и самостојност.“ Токму на една таква акција започнала и неговата љубовна приказна со сегашната сопруга.

Иако времињата се променети, ветераните се надеваат дека ваквите средби ќе бидат поттик младите повторно да се вклучат во акции, барем симболично да продолжи духот од некогаш.