Штип од есен ќе добие мотор на стручното образование. СОУ „Коле Нехтенин“ од први септември престанува да биде општинско училиште и преминува во рацете на државата, со статус на регионален центар за средно стручно образование и обука.

Со оваа трансформација, најавени се сериозни вложувања – од целосно обновена инфраструктура и набавка на најсовремена опрема, до отворање на нови насоки и струки што ќе ја следат побарувачката на пазарот на трудот. Дел од планот е и воведување на образовни програми за возрасни, со што училиштето ќе стане достапно не само за тинејџерите, туку и за оние кои сакаат дополнителна преквалификација.

„Да се стане државно училиште е голема чест, но уште поголема обврска. Очекуваме уште повеќе ученици и уште посилни резултати. Нашата цел е да бидеме пример како треба да изгледа современо стручно образование“, порача директорката Јованка Шалева.

Оваа промена за Штип не значи само нов статус на едно училиште – туку отворање на перспективи за иднината на цел регион. Поголема стручност, понапредна практична настава и подобри шанси за вработување на младите се дел од очекуваните придобивки.