Општина Штип наскоро ќе биде опремена со нов камион наменет за метење и перење на улиците – значајна инвестиција што ќе придонесе за почист и поуреден урбан простор. Возилото ќе биде во надлежност на Јавното претпријатие „Исар“, кое ќе го користи за секојдневна теренска работа во насока на подобрување на комуналната хигиена.
Набавката на ова современо возило е овозможена преку проект реализиран од страна на Центарот за развој на Источно-планскиот регион. За Штип се обезбедени околу четири милиони денари, додека Советот на Општината на последната седница донесе и одлука за кофинансирање, доколку тоа се покаже потребно за успешно реализирање на проектот.
„Набавката на нов камион за потребите на Штип е планирана со инвестиција од четири милиони денари,“ изјави градоначалникот Иван Јорданов Илиев, посочувајќи дека ова возило ќе има клучна улога во унапредувањето на урбаната хигиена.
Договорот за набавка веќе е формализиран, со што се отвора патот за значително олеснување на работата на комуналните служби. Граѓаните на Штип можат да очекуваат почисти улици и поефикасна грижа за средината.
Паралелно со овој проект, Центарот за развој на ИПР работи и на повеќе други иницијативи. Меѓу нив е изработката на физибилити студија за идниот ски-центар „Царев Врв“, кој се предвидува да опфати два плански региона и пет општини. Според плановите, „Царев Врв“ би требало да биде меѓу петте најголеми скијачки центри во регионот.
Покрај тоа, во тек е и активност за набавка на смарт табли и контејнери за селекција на отпад, кои ќе бидат распределени во десет општини низ Источниот плански регион, со цел унапредување на образованието и еколошката свест.




