Во непосредна близина на Клиничката болница во Штип наскоро ќе започне изградбата на нов Медицински факултет, кој ќе понуди врвни услови за едукација и практична настава. Објектот ќе зафаќа површина од околу 5.000 квадратни метри и ќе биде опремен со најсовремена технологија, специјализирани училници и нови амфитеатри, соопшти ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Дејан Мираковски.
„Баравме факултетот да биде прилагоден на современите образовни стандарди, особено во делот на медицинските науки. Ќе бидат вградени и дигитални системи кои ќе им овозможат на студентите подобро искуство при учењето. Очекуваме ова да придонесе за сериозен напредок во квалитетот на наставата“, изјави Мираковски.
Покрај факултетот, планирана е и изградба на нов студентски дом со капацитет за 200 студенти. Домот ќе биде опремен со сите потребни содржини за комфорен престој, а ќе располага и со паркинг простор. Во тек е финализирање на проектната документација, со што целиот кампус ќе добие функционално и современо уредување.
„Домот ќе обезбеди 200 легла и ќе ги содржи сите предуслови што се потребни за достоинствен и квалитетен живот на студентите“, додаде Мираковски.
Овие инфраструктурни зафати се дел од првата фаза на реализација на договорот со британската страна, кој предвидува и финализирање на новата Клиничка болница во Штип. Со ова, источниот регион добива не само модерна здравствена установа, туку и целосно заокружен образовно-здравствен комплекс, кој треба да го подигне нивото на медицинска едукација и здравствени услуги.




