Во штипската населба Македонка денеска започнаа активности за обновување на неколку дотраени улици и краци, соопшти градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на прес-конференција. Според него, за овие зафати се издвоени 1,6 милиони денари од општинскиот буџет.

Јорданов посочи дека се работи на улици кои досега не биле инфраструктурно третирани, а нивното уредување претставува дел од обврските кои општината ги презела пред неколку години.

Дополнително, до крајот на годинава во дворот на подрачното училиште „Тошо Арсов“ во истата населба ќе се изгради современ спортски терен со тартан подлога. Проектот предвидува поставување на нови спортски реквизити и целосно осветлување на теренот.

Градоначалникот најави и изградба на пешачко-велосипедска патека која ќе ја поврзе Македонка со кејот на реката Брегалница. Тој нагласи дека Општина Штип ќе продолжи со инвестиции во инфраструктурата со засилено темпо и во наредниот период, со цел подобрување на условите за живеење во урбаните заедници.