Симулација на полагање на државна матура се спроведе денес во две средни училишта во градот, каде на 1 и 8 јуни матурантите и официјално ќе полагаат државна матура.

Раководителот на Секторот за образование во Општина Штип, Снежана Санева рече дека симулацијата ја прават по анкетирањето на повеќе од 100 матуранти, од кои над 90 проценти одговориле дека сакаат да имаат пробно тестирање и да бидат дел од симулацијата, со цел да видат како тече процесот, но и да го надминат стресот.

Во четирите средни општински училишта во Штип над 500 матуранти ќе полагаат матура во јуни.

  • Овој проект првпат го реализираме годинава и се надеваме дека ќе продолжи и во иднина. Целта беше да се подготват учениците за полесно да го поминат тестот на државната матура, рече Санева.

Според директорката на Средното општинско училиште „Коле Нехтенин“-Штип, Јованка Шалева, од досегашните искуства самиот чин на полагање на државна матура предизвикува стрес кај учениците.

  • Се случувало во минатото некој ученик да се соочи со здравствени проблеми пред полагањето на матурата или на самиот чин на полагање на матурата. Се случувало одлични ученици, коишто сметаат дека ги знаат одговорите, при брзање да направат грешки. Исто така, имаше и примери кога ученици го решиле тестот, меѓутоа не го пренеле на дополнителниот лист што е за одговори. Нашето училиште ја прифати идејата на општината бидејќи, на некој начин, ние ќе им го доближиме чинот на полагање на матурата, истакна Шалева.

Симулацијата беше организирана во регионалниот електро-машински центар „Коле Нехтенин“ и во регионалното медицинско училиште „Јане Сандански“.