Во Штип заврши мајскиот уписен рок за првачиња во петте основни училишта, при што се запишани 403 ученици. Иако оваа бројка е пониска во споредба со минатата година, кога беа запишани 422 деца, се очекува дополнителни уписи во август, особено од семејства кои се враќаат од странство. По училишта се распределени:
ООУ „Ванчо Прќе“: 121 ученици
ООУ „Димитар Влахов“: 100 ученици
ООУ „Тошо Арсов“: 86 ученици
ООУ „Гоце Делчев“: 55 ученици
ООУ „Славејко Арсов“: 41 ученик
Општинските власти ја нагласуваат важноста на почитување на реонизацијата при уписите. Според Законот за основно образование, децата треба да се запишуваат во училиштата според нивното место на живеење. Исклучоци се дозволени само со соодветна документација и согласност од училиштето .
Општина Штип, во соработка со локалниот бизнис сектор, обезбеди училиштен прибор за сите првачиња. Оваа иницијатива има за цел да го олесни почетокот на учебната година за учениците и нивните семејства.
Иако бројот на испишани ученици поради заминување во странство се намалува, сепак, миграцијата останува предизвик за образовниот систем во Штип. Во првото полугодие на учебната 2024/2025 година, од петте основни училишта се имаат испишано 30 ученици, додека 21 нов ученик е запишан.