Едносменската настава за учениците во Гимназијата  „Славчо Стојменски“ во Штип се одвива без никакви проблеми, а за подобрување на условите во ова училиште веќе се планираат и дополнителни инвестиции, односно реконструкција за да се подобрат условите за настава на учениците и наставниците, најави министерката за образование и наука Весна Јаневска при денешната посета на СОУ „Славчо Стојменски“- Штип.

  • Со задоволство можам да заклучам дека промените во Штип се почнати и дека покажуваат одлични резултати, вели Јаневска.

Градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов истакна дека средбите со министерката за образование и наука Јаневска овозможуваат и одблиску да ги пренесат идеите и состојбите во училиштата.

  • Секако дека е потребно да се реформира образованието, да се случат одредени промени. Но, не може тоа преку ноќ да се случи. Затоа разговараме во насока што е приоритетно, кои инвестиции се приоритетни. Така сетоа она што ќе следува верувам дека ќе значи подобрување на условите на настава и еве значително ќе се додаде вредност во образованието, истакна Јорданов.

Директорката на Гимназијата „Славчо Стојменски“-Штип Весна Ристова рече дека на средбата со министерката за образование и наука Јаневска и со градоначалникот Јорданов е разговарано за првичните позитивни ефекти од воведувањето на едносменската настава, како и за идните проекти и инвестиции во училиштето.