Ставен е во функција хидроситемот за наводнување на валандовското поле од проектот Јужновардарска долина втора фаза. Со овој проект вреден над 24 милиони евра се очекува да се наводнуваат 2 150 хектари обработливо земјоделско земјиште во атарите на валандовските населени места удово, Пирава, Калково и Јосифово. Бенефитите од истиот ќе ги користат најмалку 1 000 домакинства  чија основна дејност е одгледување градинарски култури и овошни и лозови насади.

Системот за наводнување го пушти во употреба премиерот Зоран Заев кој заедно со вицепремиерот Лупчо Николовски, министерот за земјодоелство Арјанит Хоџа и градоначалникот на Валандово Перо Костадинов ги истакнаа бенефитите од овој капитален проект кој ќе значи дополнителен инпут за локалната економија во Валандово

,,Во предвидениот рок е реализирана втората фаза на „Проектот за наводнување на јужната долина на реката Вардар“, што за земјоделците значи намалување на трошоците за производство и предуслов за осовременување на агро-секторот. Станува збор за модерен систем за водоснабдување во земјоделството, кој е од витално значење за овој крај. Без правилно и рационално управување со водните ресурси и без современи системи за наводнување, не можеме да зборуваме за развиено земјоделство“, рече премиерот Зоран Заев

Системот приклучен на реката  Вардар и ќе испумпува 2300 литри во секунда за да стаса водата во атарите на населените меса Удово, Јосивофово, Калково, Пирава.  Изграден е главен цевковвод од 9 километри, 6 помпни станици и дистрибутивна мрежа од 90 километри.  Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа рече дека без вода, нема конкурентно земјоделско производство

„Овој систем ќе придонесе за интензивирање на земјоделското  производство и зголемување на приносите по хектар. Исто така ќе влија и на развој на општините а ќе ја потикне и локалната економија. Земјоделците од овој регион ќе може да го прошират своето производство, да воведат нови култури, за кои е потребно стабилно наводнување., Министерството ќе продолжи да се залага за изградба на нови системи за наводнување. Во Инвестицискиот план за управување со водите и инфраструктурата за наводнување, предвиден е буџет за рехабилитација и модернизација на постоечката инфраструктура за наводнување, како и поправка на мали брани и резервоари. Изработени се основни проекти за мали системи кои треба да се градат во иднина и за кои е обезбедено финансирање

Првиот човек на ова општина Перо Костадинов подвлече дека ова е сон на една генерација и најмалку илјада домаќинства ќе ги уживаат бенефитите од Јужновардарска долина втора фаза. Според него со овој систем се става точка на идеите за развој на општината со тешка и загадувачка индустрија.

„Трасиран е патот кон чиста и еколошка животна средина со развиено земјоделство. Системот за наводнување „Јужна Вардарска долина” е капитален проект од огромна важност за граѓаните. Истиот ќе обезбеди поголем квалитет на земјоделска обработка и континуирано снабдување со вода за наводнување во текот на цела година. Искажувам благодарност на Владата и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како и сите вклучени во реализацијата на овој проект“, рече градоначалникот Костадинов.

Средствата за реализација на проектот се обезбедени  од Буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и од Германската Развојна Банка (KfW), во форма на грант и на заем под поволни услови. Со хидросистемот ќе стопанисува АД Водостопанство која ќе ја испорачува водата до двете земјоделски задруги за наводнување во валандовско. Тие допрва треба да ги утврдат цените за испорака на вода до земјоделците. Спроед информациите тие ќе се базираат по површина и во зависност со каква култура е засеана истата.