Три современи еко соларни смарт автобуски постојки беа поставени викендов во Штип. Директорот на ЈП „Стипион“, Панче Стефановски на денешната средба со новинарите изјави дека успешно е реализиран проект во соработка со УСАИД и здружението ЛАГ „Плачковица“, преку кој се овозможи поставување на еко-соларни смарт постојки на неколку локации во градот.

  • Овие постојки ќе се напојуваат со помош на вградени фотоволтаични панели и ќе бидат во функција на граѓаните кои го користат јавниот превоз, пред се како засолниште од временските неприлики, а покрај тоа ќе содржат информации за возните редови, усб полначи за смарт уреди, како и компресор за воздух за велосипеди, изјави Стефановски.

Постојките се со современ дизајн и на атрактивни позиции и ќе бидат одлична можност да се закупат како рекламна површина за брендирање, за компании кои сакаат да ги рекламираат своите производи. Проектот е вреден околу 1,5 милиони денари, а трите еко соларни смарт постојки се поставени кај Трговскиот центар, во населбата Ново Село и во приградската населба Караорман.

Според зборовите на директорот Стефановски, поради пројавениот интерес кај граѓаните за поставување на постојки од ваков тип и во наредниот период ЈП Стипион ќе работи на зголемување на бројот на истите на поголем број локации во градот.