Започна реализацијата на најавениот проект за уредување на крстосницата кај паркот Кртеке, каде во наредниот период ќе се работи на поставување турбо кружен тек со цел подобрување на состојбата со сообраќајниот метеж во овој дел од градот, информираше денес градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

Тој истакна дека ќе се работи етапно како би се овозможило непречено движење кон Клиничката болница.

  • Ќе се работи на турбо кружен тек кој верувам дека ќе ја подобри состојбата во сообраќајот на овој дел од градот, ќе ја подобри безбедноста на сите учесници во сообраќајот, практично протокот до Клиничката болница. Вредноста која е одвоена од Буџетот на Општина Штип за реализација на овој турбо кружен тек кој е прв од ваков вид во нашиот град е нешто околу 10 милиони денари, потенцираше Јорданов.

Според најавите од градоначалникот, потегот ќе биде целосно осветлен и уреден со проширување на веќе постоечката сообраќајница како и крстосницата, а ќе се овозможи и одвивање на сообраќајот во две насоки на улицата од кружниот тек до зградата на Основниот Суд Штип.

  • Со тоа ќе дојде до растеретување на едната сообраќајница која во овој момент се користи како еднонасочна и се надеваме на помал метеж во сообраќајот. Паралелно ќе се работи и на дообезбедување на нови паркинг позиции за станарите од порта Пролет, нагласи градоначалникот Јорданов.

Паралелно со реализацијата на овој проект, веќе од наредната недела Јорданов го најави и отпочнувањето на уредувањето на кружниот тек на бул. Партизанска, во близината на поранешното нервно одделение, кое како што вели е црна точка која мора да се промени.