Со вкупно 5 милиони денари во две фази, во текот на наредниот период ќе се врши делумна реконструкција на бања Кежовица, тековно одржување како и уредување на внатрешните простории, најави денес градоначалникот Иван Јорданов.
Како што нагласи градоначалникот, во текот на првата фаза од проектот, со буџет од 2,5 милиони денари предвидена е реконструкција на кровот како и инсталирање на ново затоплување на холот и соблекувалните во бањата, а ќе се менува и фекалната канализација.
- Во првата фаза предвидено е поставување и на нова електрика, осветлување, замена на елементите во рамки на самата бања, нова фекална канализација која до сега создаваше проблеми, истакна Јорданов.
Според најавите на градоначалникот Јорданов, дополнителни 2,5 милиони денари се предвидени и за реализација на активностите од втората фаза.
- Втората фаза ќе се реализира по завршувањето на активностите од првата фаза, а предвидува реконструкција на сместувачкиот капацитет од 30 легла. Ќе бидат реконструирани некаде околу 11 соби заедно со тоалетите во објектот, што претставува тековно одржување на постоечкиот објект, истакна Јорданов.
Она што го потенцираше штипскиот градоначалник е тоа што како локална самоуправа за прв пат Општина Штип интензивно работи на планирање на детален урбанистички план, за просторот околу бања Кежовица и за самиот објект. Со тоа како што додава Јорданов во иднина би можело да се искористи тој простор за хотелско сместување, за дом за стари лица, за времено домување, спа центри кои би биле потенцијална можност за евентуалните инвеститори со кои веќе е остварена и првичната комуникација.