Со 55 паркинг позиции распоредени на две нивоа,  непосредно позади Домот на културата “Ацо Шопов” , денес во Штип беше пуштена за употреба првата катна гаража.

Како што истакна градоначалникот Иван Јорданов, изградбата траеше неколку месеци а истата произлезе од потребата за решавање на проблемот со недостаток на паркинг места со кој се соочуваат граѓаните на Штип, особено во централното градско подрачје.

  • Станува збор за едно сообраќајно решение со кое се дуплираат паркинг позициите и веќе на оваа површина имаме корисни 55 паркинг места. Повеќе од 10 милиони денари од буџетот на Општина Штип беа издвоени за да се уреди на ваков начин оваа површина, нагласи градоначалникот Јорданов.

Тој додаде дека во идниот период уште на три дополнителни локации во центарот на градот ќе се уредува паркинг простор со паркирање на повеќе нивоа, од кои проектот кај стоковната куќа Нама веќе е започнат.

  • Планираме во текот на оваа година да се започне и со другата позиција која се наоѓа до зграда Промаја, која ќе биде паркирање на три нивоа, како и дополнителна површина за паркирање на две нивоа, наспроти стоковната куќа Нама која е постоечки паркинг, најави Јорданов.

На овој начин како што посочи градоначалникот, за повеќе од 150 паркинг места ќе се зголеми паркинг просторот во централното градско подрачје и со тоа приближно ќе се задоволат потребите на жителите на Штип.

Во текот на втората половина од годинава, Јорданов најавува и уредување на улицата “Ванчо Прќе” во пешачка зона, откако претходно со новите паркинг позиции ќе се овозможи доволен паркинг простор за возилата кои досега беа паркирани на оваа улица.