Со откривање на мурал посветен на јазикот, со цитат од еден од кодификаторите на македонскиот литературен јазик, Блаже Конески, денес во гимназијата “Славчо Стојменски”, Штип го одбележа Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.

  • Нашиот јазик е нашето богатство и нашиот аманет од нашите прадедовци кој што треба да го сочуваме, а ние како образовна институција на нашите ученици треба да им ја пренесеме љубовта и желбата да продолжат да ги чуваат вечните спомени за јазикот и да го надградуваат, рече директорката на штипската гимназија Весна Ристова, која заедно со градоначалникот Иван Јорданов го открија муралот.

Во време кога не негираат и не асимилираат имаме обврска да оставиме аманет на идните генерации да го сочуваат јазикот, нагласи градоначалникот Јорданов.

  • Една од можностите да го постигнеме тоа, е токму овој начин, за да го потврдиме македонскиот јазик но и да го оставиме како аманет на идните генерации дека постоел и ќе постои, истакна Јорданов.

Тој додаде дека ваквите мурали не чинат големи финансиски средства но се мотивација и за нас и за идните генерации да бидеме свои на своето и да си го сочуваме јазикот и идентитетот.