Во чест на Емилија Динева, првиот дарител на органи во земјава, отворено е спортско игралиште во Дојран. Поминаа две години од кога нејзиното семејство одлучи таа да живее, но во срцето на некој што му требаше, трасирајќи го на тој начин патот на органодарителството, проткаено со духот на хуманоста.

„Донаторите на органи се вистински херои, Емилија Динева е една од нив. Нејзиното име засекогаш ќе биде запаметено во поновата медицинска историја кај нас, таа беше и ќе остане синоним за добрина, хуманост, човекољубие. Емилија на еден несекојдневен начин, благодарение на несебичноста на нејзиното семејство – продолжи да живее, нејзиното срце физички, а нејзиниот дух и убавината на нејзиното постоење емотивно, во секој од нас. “ напиша на ФБ, градоначалникот на Општина Дојран Анго Ангов.

Блиските на Емилија Динева, сакаат да се зачува нејзиниот спомен во Дојран со обележување на места кои секогаш ќе ги потсетуваат на големиот хуман гест што го направи нејзиното семејство дарувајќи ги органите.  Спортски центар го финансираа соседите и пријателите на Диневи.

Во центарот на Дојран во градскиот парк е поставен и споменик во форма на две срциња, во спомен и чест на Емилија Динева.