По извршена контрола со соодветен надзор од страна на Општина Штип на неколку веќе асфалтирани улици, констатирано е дека истите се несоодветно и неквалитетно асфалтирани, по што се врши нивно повторно асфалтирање на сметка на операторот изведувач, информираше денес градоначалникот Иван Јорданов.
- Граѓаните реагираа за квалитетот на асфалтот, особено за неговата дебелина, што е видливо и со голо око. Го информиравме изведувачот дека е должен согласно обврските од договорот одново на негов трошок да го изврши асфалтирањето, затоа што сите улици кои се прават мора да бидат со соодветен квалитет, рече градоначалникот Јорданов.
Несоодветен асфалт е констатиран на неколку улици кои беа неодамна асфалтирани, како Пиринска, Иво Лола Рибар, 19ти корпус, Митко Цецов кои како што нагласи Јорданов се асфалтираат повторно на трошок на изведувачот.
Вели дека се надева во иднина да не се случуваат вакви пропусти од страна на изведувачите, но во случај на ново вакво искуство општината повторно ќе застане во одбрана на интересите на граѓаните.
- Ние имаме обврска да го штитиме јавниот интерес односно да ги штитиме парите на граѓаните, затоа што овие улици се прават со парите на граѓаните и мора се што се работи да се контролира. Доколку нешто вакво се случи во иднина ќе реагираме и нема да дозволиме улиците да бидат несоодветно направени, истакна Јорданов.
Нагласи дека ова е прв пат општината да реагира за вакви пропусти и да ги враќа изведувачите на свој трошок да ги направат неопходните корекции, зашто како што вели улиците треба да траат со години а не со месеци.