Реализацијата на тековните проекти, започнати неколку нови, одлуки и потпишани договори за нови зафати од повеќе области, ги бележат првите 100 дена од мандатот на градоначалникот на општина Крушево Томе Христоски.

„Во првите 100 дена успеавме да продолжиме со засилено темпо и да овозможиме долгорочно решавање на проблеми и реализација на проекти. Тековните проекти течат непречено, а во почетна фаза се неколку проекти, особено од областа на образованието и патната инфраструктура. Паралелно продолжуваме и со работа на унапредување на транспарентноста и отвореноста на општина Крушево.“, изјави градоначалникот Томе Христоски.

Во првите 100 дена од новиот мандат крушевскиот градоначалник го потпиша договорот за имплементација на проект од областа на туризмот во рамки на Програмата за прекугранична соработка со Албанија. Проектот вклучува изградба на паркинг на полетувалиштето на Мечкин Камен, поставување две мерни станици, ЛЕД остветлување на градот, изградба на „даунхил“ патека и унапредување на туристичката промоција на Крушево. Проектот вреди околу 740 000 евра, а дел од истиот се 4 партнери од Северна Македонија и Албанија.

На крајот од 2021-ва година се комплетираше проектот за реновирање и надградба на подрачното училиште ООУ „Никола Карев“ во с. Борино. „Јас сум наставник во ова училиште 40 години и чувствувам вековна промена. Среќен сум што доживеав да работам во вакви услови.“, вели еден од наставниците во подрачното училиште во Борино по комплетирање на проектот за училиштето.

Од областа на образованието започна реконструкцијата на кровот и фискултурната сала во ООУ „Никола Карев“, во почетна фаза се проектите за реновирање и надградба на училиштата во Пресил и Бучин, а се изработуваат проекти за реконструкција на подрачните училишта во Алданци и Св. Митрани.

Продолжија и тековните проекти:

      1. Изградба на резервоар за вода во с. Пресил
      2. Реконструкција на дел од улица Питу Гули со изградба на паркинг
      3. Водоснабдување на Јакреново, односно втора фаза преку изградба на резервоар за вода
      4. Набавка на нова опрема за ТППЕ Крушево, а претходно се реконструираа просториите во кои е сместена единицата.
    1. Во првите 100 дена од страна на централната власт се донесоа неколку важни одлуки чија реализација ќе придонесе за подобри услуги за граѓаните и повеќе можности за практикување здрав живот.
    • Одлука за набавка на камион за отпад
    • Одлука за набавка на теренско возило за ЈП „Комуна“ Крушево
    • Одлука за изградба на фитнес зона во Крушево

На почетокот од мандатот отпочна и постапка за реконструкција на патот од с. Врбоец, преку Св. Митрани, па се до општина Кривогаштани.

Општина Крушево заедно со дом на култура „Наум Наумовски Борче“, а на иницијатива на семејството на Васил Иљоски започнаа со опремување и оспособување на спомен соба за познатиот драматург, писател, есеист со потекло од Крушево.

„Во првите 100 дена од новиот мандат сметам дека создадовме добра основа за наредните 4 години. Дополнително, продолжуваме со изработка на проекти и изнаоѓање на нови можности за финансирање за да продолжиме уште поинтензивно во наредниот период. Граѓаните имаат очекување и сега на нас градоначалниците останува да работиме и да покажеме дека ја заслужуваме довербата што ни ја даваат.“, заклучи градоначалникот на општина Крушево.