За прв пат оваа година во Буџетот на Општина Крушево е воведена ставка за финансирање на родовата еднаквост. За оваа намена во новиот буџет се издвоени 50.000 денари. Главно ќе се поддржат обуки за примената на родовата еднаквост во институциите и, воопшто, во општеството, информираат од локалната самоуправа.

Во годинашниов буџет на Крушево се најдоа и голем број капитални проекти за изградба и реконструкција на патиштата, за опремување, реконструкција на објекти, за системи за водоснабдување и одведување на отпадни води. За изградба и реконструкција на локални патишта и улици се предвидуваат 350.000 денари, за системи за водоснабдување се предвидуваат над 11 милиони денари.

Во буџетот се префрлаат средства за реконструкција на горната училишна зграда, која е пред технички прием, потоа за резервоарот во Пресил, чија имплементација е во завршна фаза. Во годинашниов буџет на Крушево влегуваат повеќе пари за јавната чистота, а дел од него се и средствата преку проектот за прекугранична соработка, која ќе опфати изградба на паркинг на полетувалиштето, поставување две мерни станици, изградба на патека за „Даунхил” и за лед осветлување.