Со интонирање на државната химна учениците од основните и средни училишта во Штип ќе ја започнат наредната работна недела. Ова е само едно од правилата кои се дел од Правилникот за општи норми и етичко однесување за учениците, наставниците, стручниот персонал, останатите вработени во училиштата но и родителите, кој општината во текот на изминатиот период го изготви во соработка со општинските средни и основни училишта.
Според зборовите на Вишна Шорова Ангелова, секретар на Општина Штип, Правилникот веќе е усвоен од страна на училишните одбори, а одредбите од истиот ќе започнат да се применуваат веќе од понеделник.

  • Овој правилник предвидува некои веќе воспоставени правила, но и некои нови. Учениците ќе треба да ја интонираат државната химна секој понеделник, додека училиштата ќе имаат обврска на видно место да го истакнат знамето на Република Македонија. Освен ова ќе се утврди начинот на користење на мобилни телефони, начинот на облекување на сите опфатени со правилникот, начинот на меѓусебно однесување, а строго ќе биде забранет булинг, пушење како и внесување и конзумирање алкохол во училиштата, истакна Шорова Ангелова.

Усвојувањето на Правилникот има за цел да ги поттикне учениците во образовниот процес, но и наставниците да ги мотивираат учениците за љубопитност при изучувањето на нивните предмети, вели Шорова Ангелова. Воедно на родителите со Правилникот би им се помогнало да го развиваат потенцијалот и креативноста кај учениците, додава таа.