За првпат до сега, жителите од приградската населба Три Чешми ќе добијат можност за згрижување на децата од предшколска возраст во своето место на живеење.

Имено дел од просториите од подрачното училиште кои во текот на изминатиот период се преуредуваа, се пренаменети за згрижување на децата од оваа населба, каде ќе имаат услови за престој и грижа од страна на вработените од градинаката “Вера Циривири-Трена”.

Како што посочи денес градоначалникот Иван Јорданов, во текот на изминатиот период направени се анкетирања на жителите од населбата, кои покажале дека околу 30тина деца од оваа населба имаат потреба за нивен престој во градинка.

  • Ова е нов клон, кој ќе биде отворен во рамки на градинката “Вера Циривири-Трена” во населбата Три Чешми, веќе се опремени просториите каде што ќе се врши воспитно-згрижувачкиот процес, истакна Јорданов.

Тој нагласи дека во текот на наредните денови директорката на градинката ќе достави барање за вработување на воспитувачки и негователки за клонот во населбата Три Чешми.

За адаптација на просториите општината инвестираше повеќе од 1,5 милиони денари, средства со чија помош е набавен неопходниот инвентар и наставно-образовни помагала.