Владина делегација направи увид во тековните и завршените проекти во Делчево

Филтер станицата во изградба и новиот затворен пазар беа дел од објектите во Делчево што денеска ги посети владина делегација со министрите за транспорт и врски, Благој Бочварски, за земјоделство, Љупчо Николовски и за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова. Заедно со градоначалникот Горан Трајковски направија увид во објектите што се градат со средства од Владата, а беше направен и увид на реконструираните улици кои беа оштетени од невремето што го зафати Делчево.

Министерот Бочварски истакна дека преку Министерството за транспорт и врски ,тука, во Делчево се реализираат голем број проекти во делот на патната и комуналната инфраструктура.

„Покажавме спремност и одговоривме на предизвиците, граѓаните да бидат уверени, како Влада тука сме да помогнеме и да ја оправдаме довербата која тие ни ја имаат дадено”, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Дополнително, министерот Бочварски истакна дека Министерството за транспорт и врски преку Проектот за поврзување со локални улици и патишта вложува средства во висина од над 780 илјади евра во општина Делчево, а во делот на комуналната инфраструктура, само во последните 12 месеци реализирани се комунални проекти со вредност од 330 илјади евра.

Министрите Николовски, Бочварски и Шукова заедно со градоначалникот Трајковски извршија и посета на новиот затворен пазар во Делчево.  Изградбата на овој пазар ќе го направи Делчево, како погранично место, економски центар, не само за градот, туку и регионот. Во првата фаза од изградбата, 7 милиони денари беа обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка на руралниот развој, а 7,9 милиони денари беа обврска на Општина Делчево. За втората фаза од изградбата обезбедени се средствата во висина од 13,9 милиони денари од Буџетот на Владата на Република Северна Македонија преку Источно-планскиот регион, а 14,5 се обезбедени од Буџетот на Општина Делчево.

Министерот Николовски истакна дека во општина Делчево преку Програмата за рурален развој на министерството, обезбедена е поддршка и за реконструкција на локалениот пат Л3 (Делчево-Очипала-Драмче-Вратиславци). Потоа поддршка на проект за изградба на фекална канализација во населба Бесарица и во дел во населба покрај локалниот пат од с. Киселица до с.Вратиславци, како и изградба на улици во населба Басарица. Поддржани проекти на општина Делчево за периодот од  2017 до 2022 година, во вредност од 44,7 милиони денари.

Министрите при денешната посета на Делчево извршија и увид во изградбата на филтер-станицата за вода, важен капитален проект со кој се обезбедува чиста вода за пиење на граѓаните.

Владата преку МЖСПП вложува во рамномерниот развој на општините, заштитата на животната средина и подобрување на квалитетот на живеење на граѓаните во сите општини во државата.

„Општина Делчево ја помагаме во завршувањето на реализацијата на проектот за изграба на филтер-станицата за вода за пиење и во докомплетирањето на системот за водоснабдување на населените места Ѕвегор, Габрово и Вирче, во унапредување на системот за управувањето со отпад преку доделување на опрема, а од заемот од ЕИБ, ќе се финасира регулација на речно корито на Брегалница и реконструкција на каналот за наводнување”, изјави министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.

Градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски изрази задоволство од денешната посета на Делчево, на министрите, кои беа клучни партнери во реализацијата важни проекти за општината, преку кој создаваме услови за подобар квалитет на животот на сите граѓани на Делчево.

„Изминатиов период, работевме на реализација на низа проекти со голема поддршка на Владата, која секогаш има слух за потребите и барањата на граѓаните на Делчево. На сите овие објекти, на сите овие проекти, стои потписот на актуелната локална власт и Влада. Сите овие објекти ќе останат да сведочат за генерации и генерации граѓани и тие се уште еден доказ дека, кога се работи посветено, одговорно и домаќински, нема што не може да се направи за своите граѓани“, изјави градоначалникот  Горан Трајковски.

Трајковски најави и сериозни нови инвестиции за наредната 2024 г:

–  Преку МЖСПП  инвестираме 573 илјади евра за регулација на речното корито на река Брегалница во должина од 500 метри низводно до мостот на ул „Индустриска“ и реконструкција на каналот за наводнување. Потпишавме договор со МТВ вреден 15 милиони денари за изградба на улици во три населби во градот, преку Бирото за регионален развој ќе се гради стариот пат Делчево-с. Ѕвегор и  улици во населбата Ѕвегорска Река. Во полн ек е изградбата на новата детска градинка и очекувам да ја финализираме кон крајот на идната година, инвестиција вредна 60 милиони денари. Делчево е релативно мала општина, но таа се стреми, како во големите градови, да создава услови кои ќе донесат развој и подобар квалитет на животот на граѓаните, нагласи Трајковски.

Развиени општини значат силна економија. Значат подобар живот за граѓаните. Во таа насока Владата, преку сите министерства, континуирано вложува во поддршка на рамномерниот регионален развој, преку конкретни мерки за поддршка на општините во зајакнување на инфраструктурата и вложување во развој на руралните средини. Во таа насока пред неколку дена беа потпишани договорите за поддршка на 66 локални проекти, во 44 општини низ државата, поддршка вредна 32,5 милиони евра средства од буџетот на Владата на Република Северна Македонија.