Во текот на изминатиот период се инвестираше во подобрување на условите за настава во СОУ “Коле Нехтенин” , а во моментов се поставуваат фотоволтаични панели на кровот од училиштето, информираше пред новинарите градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

  • Во изминатиот период се завршија одредени реконструкции и активности во однос на замена на заштитната ограда, поставени се смарт табли, а во наредниот период ќе се уредува и дворната површина, што секако ќе значи подобрување на условите за настава во ова средно општинско училиште, нагласи Јорданов.

Дека општината до сега има инвестирано многу, за подобрување на работата на училиштето потврди и директорката Јованка Шалева.

Таа потенцираше дека поставена е фотоволтаична централа која во идилични услови би произвела 40 киловати електрична енергија на час, што во одредени делови од годината ќе биде и повеќе од доволна за потребите на училиштето.

  • Тоа значи дека истата ќе се враќа во дистрибутивната мрежа на ЕВН, ќе се компензира вишокот и на крајот нашиот трошок буквално ќе се сведе на нула денари, објасни Шалева, додавајќи дека на тој начин и во наредната година училиштето ќе може да инвестира во подобрување на условите за работа но и во набавка на опрема за стручните кабинети.

Шалева нагласи дека со поставувањето на новата ограда се зголемила безбедноста на учениците , а покрај тоа веќе е заменето и дел од осветлувањето во училниците, реконструирани се два кабинети за потребите на машинската струка како и дел од спортската сала. За наредната година најави набавка на опрема и за останатите кабинети.

Како што потенцираше градоначалникот Јорданов, активности за подобрување на условите за настава, но и за искористување на обновливите извори на енергија преку поставување на фотоволатаични панели,  се превземаат во сите средни училишта во општината.