Во текот на изминатите денови започнаа активностите за поставување на ПАМП патека во паркот во населбата Баби. Како што најави уште на отварањето на паркот градоначалникот Иван Јорданов, со ова Штип ќе ја добие првата ПАМП патека за велосипедистите но и за сите љубители на адреналин.
- Станува збор за заедничка инвестиција на Општина Штип и Фондот за развој на локалните заедници во вкупна вредност од 6 милиони денари, од кои 1,8 милиони се обезбедени од ФРЛЗ, а останатите од Буџетот на општината, рече градоначалникот Јорданов.
Како што вели се надева дека оваа содржина ќе ги анимира најмладите генерации не само од населбата Баби туку и од околните населени места и дека целосно осветлениот простор со дополнителна зелена површина ќе биде катче кое целосно ќе биде искористено.
Во наредниот период , Јорданов најави и поставување видео надзор во паркот.
- Во периодот кој што следи ќе поставиме и видео надзор во овој парк кој што во изминатиот период се градеше и сеуште добива нови содржини и очекувам оваа година да биде заокружен со содржините кои ќе бидат изградени и веднаш потоа да се постави мониторинг, за сите содржини да бидат соодветно зачувани и заштитени, потенцираше Јорданов.
Првиот човек на градот нагласи дека градежните активности во оваа и во останатите населби кои се во тек ќе продолжат непречено се додека тоа го дозволуваат временските услови.