ЈКП „Комуна“интензивно работи на расчистување од снегот на сите патишта, како  и на најнепристапни и тесни улици. Вклучени се две возила, ровокопа и трактор за снег и соларка, се со цел да се одговори на барањата и пријавите на граѓаните.

„Тесните улици, големите количини на снег и паркираните автомобили беа причини снегот да се чисти со големи потешкотии, а теренот да биде исклучително небезбеден. Тука ги потенцираме деловите од чешмата на улица Манчу Матак се до поврзување на улицата со Благој Целев и од зградите до чешмата Струнга,“ информираат од ЈКП Комуна.

„Сакаме да ги известиме овие граѓани дека пристапот за механизацијата на ЈП „Комуна“ Крушево е крајно небезбеден и нашите возачи заедно со вработени во претпријатието на терен се соочија со опасности кои можеа да доведат до оштетување на механизацијата и до повреди на лицата присутни на терен. Исто така, на овие неколку локации беше исклучително тешко да се чистат улиците со премногу паркирани возила и големи количини на снег,“ додаваат од комуналното претпријатие.

Петок е резервиран за оспособување на паркинг простор и пристапите до ски терените во Крушево. Исто така, „Комуна“ работи и на пределот од „Гумење“ преку т.н. Корзо се до Крушевско Езеро кое е место за прошетка и особено популарно за викендите.

„Апелиравме граѓаните на кратко да ги отстранат своите автомобили од местото „Гумење“ за да може да се обезбеди поголем паркинг“, велат од претпријатието.