Младите засадија садници за симболична нова иднина на Струмица

Време е да се заменат исечените дрвца со изградбата на велосипедската патека – од оваа идеја почна иницијативата на младите на Струмица предводени од Катја и Филип, кои тргнаа во акција на засадување на нови садници. Иницијативата ја прифати општината и градоначалникот Костадин Костадинов, кој неодамна, заедно со младите фати лопата во раце.

Засадувањето на нови садници започна од тротоарот на булеварот „Ленинова” пред зградата на Судот.

-Знаевме дека имаме и непланско насадени дрвца и растенија коишто не беа компатибилни за дрвореди и правеа штети и на тротоарите и на улицата и истите моравме да ги исечеме. Но, направивме многу добар договор со Катја, Филип и со сите средношколци да на секое исечено дрво се засадат 10 нови, но не во планина, туку долж булеварите во општина Струмица, тоа и се случува. Во денешното садење имаме 150 растенија коишто имаат корен што не се шири, туку оди централно кон земјата и ќе бидат компатибилни со инфраструктурата во општина Струмица. Секако дека процесот на зазеленување во урбана Струмица таму каде што најмногу и ни фали продолжува оти само на тој начин со партиципативност, во конкретниот случај на средношколците, но и повозрасни кои може да партиципираат во креирањето на локалните политики, ја јакнеме демократијата во општина Струмица и секако си ја правиме Струмица заедно со населените места уште поубаво место за живеење, рече градоначалникот Костадинов.

Првите садници со градоначалникот Костадинов, ги засадија членови на Советот на општина Струмица, Младинскиот совет и средношколци од трите средни општински училишта.