Свечена седница по повод одбележувањето на 79 години од ослободувањето на градот, одржа денес Советот на Општина Штип.

На присутните најпрво им се обрати претседателката на Советот, Весна Кожинкова истакнувајќи дека овој ден е слава за оние кои придонеле за слободата, а овој ден не обединува како заедница.

  • Овој ден 8 Ноември, влезе како светол датум во Македонската национална историја, во борбата против окупаторот. Штип во народно ослободителната војна даде свој директен придонес преку четири народни херои, Михајло Апостолски, Славчо Стојменски, Љупчо Арсов и Ванчо Прќе, нагласи Кожинкова.

Градоначалникот Иван Јорданов во своето обраќање се наврати на стремежите за Штип како поубав град, посочувајќи дека има уште поголема мотивација за остварување на поставените цели.

  • Изминатиот перид секоја донесена одлука се базираше на добри анализи и консултации со граѓаните на Општина Штип, кои свесно и посветено се залагаат за колективните интереси на заедницата. Ова не мотивираше да работиме со уште поголем интензитет и секој проект кој ќе го реализираме во интерес на граѓаните да наиде на поддршка и поттик од секој жител на нашата општина, истакна Јорданов.

Традиционално и годинава беа доделени осмоноемвриските признанија кои оваа година ги понесоа десет граѓани и здруженија. Со осмоноемвриско признание се закитија Д-р Светлана Кордумова Трајанова, Д-р Дарко Лазаров, Д-р Андон Мајхошев, професор Тоше Митров, примариус доктор Ванчо Органџиски, Далибор Николовски Дачо, Бобан Данов, Здружение на акцијаши волонтери, Јога друштво Штип и центар за балетска уметност Арабеска.