Асфалт на улици во Први Реон во Делчево оштетени по невремето

Нов асфалт денеска добиваат улици во населбата Први Реон со вкупна должина од околу 900 метри. Асфалтирањето е во рамките на предвидените проекти за реконструкција и санација на патната инфраструктура оштетена од невремето во Делчево. Во рамките на предвидената реконструкција, опфатени се улиците: „Голачка“, дел од ул.„Иво Лола Рибар“ и дел од ул. Јане Сандаски“.

Увид во текот на работите денеска направи градоначалникот Трајковски кој истакна дека реконструкцијата на овие улици е уште еден доказ за одговорниот пристап кон сите граѓани и создавање современи услови за безбеден сообраќај во насока на  подобрување на квалитетот на животот.

-Денеска започнува асфалтирањето на улици во населбата Први Реон кои беа доста оштетени од поплавите во Делчево со што решаваме уште еден горлив проблем за жителите од населбата Први Реон. Поддршката од Владата за санација на оштетената патна инфраструктура е огромна и очекувам дека сите предвидени проекти за реализација согласно со Одлуката на Владата ќе бидат наскоро завршени, рече Трајковски. 

Работите ги изведува ЈП за одржување магистрални и регионални патишта со финансиска поддршка од Владата и согласно со Одлуката на Владата за санација на штетите од невремето во Делчево. Претходно беше санирана улицата „Царевоселска“, а согласно со Одлуката на Владата ќе се работи и на санација на: крак на бул. „Македонија, улица-булевар „Македонија“ во должина од 420 метри, како и санација на мостот на ул „Индустриска“.