Од денес пензионерите секој петок ќе можат бесплатно да се превезуваат со општинскиот линиски превоз во Општина Штип, како резултат на одлуката од страна на општината да им се помогне на оваа категорија граѓани кои како што вели градоначалникот Иван Јорданов се најпогодени од економската криза.

  • Одлучивме секој петок да биде бесплатен ден за превоз на сите пензионери имајќи во предвид дека пензионерите како наши сограѓани се најмногу погодени од инфлацијата која владее во нашата држава и покачувањето на цените на основните продукти што придонесе да направиме една финансиска анализа и да одлучиме секој петок да биде бесплатен за сите пензионери на територија на Општина Штип, рече денес градоначалникот Јорданов.

Од ЈП Стипион најавија дека вакви и слични поволности се планирани и за други категории граѓани.

  • Размислуваме за дополнителни олеснувања и за други категории на граѓани за што навремено ќе бидете информирани во текот на следниот период, истакна директорот на ЈП Стипион, Панче Стефановски.

За да можат да го користат бесплатниот превоз во петок, пензионерите ќе треба да приложат пензионерско картонче или друга пензионерска легитимација, а за сега бесплатниот превоз се однесува за линиите од централното градско подрачје како и за приградските населби, но не и за линиите кои сообраќаат до Општина Карбинци.