По барање на жителите на улица „Косовска“ Општина Штип ќе уреди неколку пристапи кон улицата и ќе изгради неколку потпорни ѕидови за пристапни скали. Ова го најави денеска штипскиот градоначалник Јорданов, кој беше на увид во, како што рече, малите капитални инвестиции кои се значајни за жителите во населбите кои биле одамна заборавени.

– Ќе се среди и уличното осветлување овде на улицата. Сакам да ветам и дека во следниот период, најголем дел од пристапите кои досега не биле уредени, ќе бидат избетонирани или асфалтирани. Овде теренот е непристапен, а има и други локации кои граѓаните ги посочија како проблематични, рече Јорданов

За тоа колку пари ќе се потрошат, вели ќе се знае откако ќе се завршат сите градежни активности.

Жителите од улицата велат дека се задоволни, оти ќе може  да ги извршуваат основните потреби со возила, а најважно од се ќе може да поминува амбулантно возило доколку е потребно.

– Досега беше кал, а сега ќе се бетонира. На убавото не можеме да кажеме ништо лошо, рече граѓанин кој беше на лице место.