Нова водоводна мрежа и фекална канализација добиваат петнаесетина домаќинства на улицата “Кежовица“ во штипско Ново Село. Според зборовите на градоначалникот Иван Јорданов, за да се реши повеќедеценискиот проблем неопходна била експропријација на спорно приватно земјиште.

  • Направивме експропријација на спорното приватно земјиште низ кое тгребало да поминува фекална канализација и водоводна линија за да се реши проблемот и потребите на жителите од улицата Кежовица, но заради несогласување проблемот се провлекувал со години, вели градоначалникот Јорданов.

Реализатор на проектот е ЈП Исар кое во текот на претходната недела изврши изведба на нова фекална канализациона линија во должина од 160 метри, а беше поставена и нова водоводна мрежа, рече директорот на ЈП Исар, Кирил Зајков.

Половина милион денари од буџетот од Општина Штип беа искористени за решавање на деценискиот проблем на семејствата од улицата “Кежовица”, а како што истакна градоначалникот Јорданов во наредниот период дополнително ќе се изврши и поставување асфалт на земјиштето на кое општината изврши експропријација.