До крајот на оваа година Штип ќе добие полузатворен Градски пазар, по примерот на современите пазари, најави денес градоначалникот Иван Јордан, истакнувајќи дека проектот веќе е направен , а деновиве ќе се распише тендерската постапка за негова реализација.

  • Во годините наназад оваа потреба е нотирана, затоа што откако е изграден овој Градски пазар досега никогаш не бил реконструиран. Затоа одлучивме да издвоиме 10 милиони денари од буџетот на Општина Штип, од парите на граѓаните и оваа година да се изгради и да се заврши полузатворениот Градски пазар, вели Јорданов.

Тој нагласи дека полузатворениот Градски пазар ќе се гради на површина од 1.200 метри квадратни, а планирани се и паркинг места за граѓаните, кои ќе пазаруваат.

  • Површината ќе биде поплочена, односно избетонирана со феро бетон, според сите стандарди за ваков тип на пазар. Висината на конструкцијата е од 3,5 до 5,5 метри, која одговара на стандардите и потребите на ваков полузатворен пазар, вели Јорданов.

Градоначалникот Јорданов приликата ја искористи и за да апелира до надлежните инспекции да си ја вршат работата, бидејќи до сега најголем проблем се дивите продавачи на земјоделски и млечни производи околу Градскиот пазар кои прават штета на оние земјоделци и сточари, кои закупуваат тезги на пазарот.