Со откривање на делото „Корени на традицијата“, во организација на “ Гласен Текстилец “ во Штип денес свечено беше отворена седмата “Текстилијада”. Меѓу присутните на свеченото отварање беше и амбасадорката на Шведска во земјава, Ами Ларсон Јаин, како и градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов.

Амбасадорката на Шведска, Ами Ларсон Јаин истакна дека нејзината земја има долга традиција на социјален дијалог.

  • Задоволство ми е што овде Шведска преку финансиска поддршка придонесува кон промоција на правата на работниците, пристојни работни услови и претставува пример како да се подобри социјалните дијалог, со цел да се постигне целта, рече Ларсон Јаин.

Таа посочи дека штипскиот текстилен сектор, работниците и локалната власт денеска слушнаа како се постигнал дијалог и развој на текстилната индустрија во шведскиот град Борос.

Градоначалникот на општината, Иван Јорданов нагласи дека на манифестацијата „Текстилијада“ гласно се говори за можностите, но и предизвиците за текстилниот сектор.

  • Сакам да се заблагодарам на иницијаторот и организаторот на оваа „Текстилијада“, а тоа е „Гласен Текстилец“, Кристина Ампева, којашто еве и оваа година гласно ќе говори и ќе иницира сè што е поврзано со текстилната индустрија, ги знаеме и веќе ни се познати проблемите, но и предизвиците коишто пред нас стојат како да се подобрат правата во овој сектор, но и како да се овозможи сопствениците на капиталот во овој сектор да се ребрендираат и бидат поконкурентни, истакна Јорданов.

Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ посочи дека текстилниот сектор и работниците можат да го слушнат директно искуството на текстилниот град Борос, кој бил во далеку полоша состојба, а сега е град во којшто оваа индустрија вработува, но и е едукативен центар за младите. Ова е направено преку социјален дијалог меѓу сите чинители.

  • Борос во 60те и 70те години од минатиот век исто бил зависен како што е Штип, но седнале на маса и сега е водечки град во текстилен сектор, вели Ампева.

Во рамки на годинешното издание на “ Текстилијада “  во Дом на млади се одржа уметничка изложба изработена преку вештачка интелигенција, на тема: „Правдата на текстилните работнички“, додека во текот на утрешниот ден планирани се дебати како и традиционалниот работнички пикник на локалитетот „Баргала“.