Штип ги прави последните подготовки за одржување на најновото издание на манифестацијата која во последните години стана белег на градот под Исарот, Штипска пастрамалијада 2023. Веќе се поставени дел од штандовите а во комуникација со угостителите утврдени се и локациите на истите. Очекуваме многу гости и добра забава претстојниот викенд, рече градоначалникот на Штип Иван Јорданов.

  • Традицијата продолжува и овој викенд Штип ќе е центарот на Македонија. Очекуваме многу гости, добра забава, многу продадени и изедени пастрамајлии. Угостителите очекуваат штандовите да бидат посетени и онака како што е редот да бидеме добри домаќини со највкусниот и најубавиот бренд, штипската пастрамајлија, истакна градоначалникот Јорданов.

Тој ги повика штипјани но и сите граѓани на Република Македонија да бидат дел од оваа манифестација , нагласувајќи дека за сега нема најава за организирани пристигнувања од други држави но дека градот во соработка со ЈП Стипион ги има преземено сите неопходни мерки за регулирање на движењето низ градот во деновите на пастрамалијадата, со што би се спречил евентуален сообраќаен метеж.

  • Очекуваме и оваа година неколку десетици илјади посетители да има на оваа локација каде традиционално неколку години по ред се одржува пастрамалијадата, последните подготовки се веќе во тек. Организирано е јавното претпријатие Стипион за одредени протоколи кои ќе се прават за возилата кои ќе доаѓаат во Штип, потенцираше Јорданов.

Тој уште еднаш потсети дека на целата територија на Општина Штип после 15 часот бесплатен ќе биде паркингот за сите возила во текот на наредните два дена.

Сите оние кои ќе го посетат Штип во петок и сабота ќе имаат можност да уживаат со  Саша Ковачевиќ, Пајак и Лара, Амадеус бенд, Љубојна и хрватската пејачка Даниела Мартиновиќ.

Според договорот на општината и угостителите пастрамајлијата годинава ќе се продава по цена од 200 денари.