Претставници од Општина Штип кои се дел од организацијата на овогодинешното издание на Штипска Пастрмалијада, како што претходно беше најавено, денес на заедничка средба со угостителите ја утврдија цената по која ќе се продаваат пастрамајлиите на годинашната манифестација.
И покрај постојаниот раст на цената на прехрамбените артикли, сепак оваа година пастрамајлиите ќе се продаваат за 200 денари или само десет денари повеќе во однос на лани, информираат од општината.
Како и минатата година и оваа постои голем интерес кај угостителите, а и овој пат имаме посебни понуди за секој од нив, истакна Александар Арсовски еден од организаторите.
- Задоволни сме од интересот кај угостителите. На овој состанок беа утврдени неколку технички и организациони работи кои ни претстојат да ги сработиме пред почетокот на манифестацијата. Немаме ексклузивен спонзор, односно покровител на манифестацијата е градоначалникот на Општина Штип, рече Арсовски.
Тој нагласи дека пастрамајлиите ќе се продаваат на вкупно 29 штандови кои ќе им бидат понудени на угостителите. Пријавите се поднесуваат до среда, а во четврток изборот исто како и минатата година ќе биде по принципот прв дојден, прв услужен.
- Договорен е краен рок за поднесување на пријавите, а тоа е среда до 15.30 часот, во општинската Архива, вели Арсовски кој потенцираше дека 200 евра ќе чини закупот на штанд за угостителите кои произведуваат храна, 500 евра за штанд ќе треба да платат сопствениците на кафулиња кои сакаат да бидат дел од манифестацијата, додека за позначајните спонзори од типот на познатите винарии и производители на пиво, во зависност од местоположбата штандовите ќе чинат од 2000 до 3000 евра.
Манифестацијата Штипска пастрмалијада ќе се одржи на 22 и 23 овој месец, на веќе препознатливата локација кај Градскиот стадион, додека за идната година од општината најавија ексклузивна промена на локацијата и на целосниот концепт на манифестацијата.