За сопствените возила на пожарникарите Општината Струмица обезбеди бесплатен паркинг

Ја покажаа својата храброст во Турција, кога светот ја покажа својата хуманост по катастрофалниот земјотрес, а дома се секојдневно се очи во очи со огнените и водените стихии и други природни катастрофи. Струмичките пожарникари ја заслужија целата почит на своите сограѓани, поради што  на иницијатива на градоначалникот Костадин Костадинов, а со едногласна одлука од членовите на Советот на општина Струмица, добија бесплатно користење на паркинг просторите на подрачјето на Зоните А и Б за нивните семејни возила.

-Храбри, одговорни и пожртвувани професионалци, потврдени во многу домашни и меѓународни спасувачки мисии, тоа се нашите струмички Пожарникари. Тие се чувари на Струмица, на нашите животи и имоти од пожари и други елементарни непогоди и несреќи. Што и да направиме за нив е секогаш малку. И јас како градоначалник и граѓаните на Струмица сме горди што ги имаме и негуваме неизмерна почит и благодарност кон сите нив, рече градоначалникот Костадин Костадинов.

Струмичките пожарникари во многу ситуации покажале натчовечки напори за справување со огнените стихии во општината и поширокиот регион, а дел од нив беа вклучени и во мисијата за спасување на настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција.