Шестте нови, модерни и климатизирани автобуси кои ќе бидат дел од превозот на патниците на територијата на општина Штип, денес во утринските часови го започнаа своето патешествие.
Видно возбудени и задоволни, граѓаните со нетрпение чекаа да го искористат јавниот превоз кој промотивно денес и во текот на наредните два дена ќе биде бесплатен.
Интерес и одзив кај граѓаните за користење на градскиот превоз има, а се надеваме дека интересот од ден во ден ќе продолжи да расте, рече градоначалникот Иван Јорданов кој денес беше дел од една обиколка низ штипските улици и имаше можност да поразговара со своите сограѓани но и да апелира до нив заеднички да помогнат за промена на навиките на граѓаните.
- Ги повикувам граѓаните на општина Штип да ни помогнат за сите заеднички да допринесеме за промена на навиките на жителите на општината со цел намалување на сообраќајниот метеж во градот но и за намалување на трошоците на граѓаните. Ова е само почеток, врз основа на тоа што ќе го констатираме во наредните денови ќе се дефинираат линиите кои ќе бидат јавно достапни за сите, имаме веќе воспоставени линии но ќе се ориентираме според потребите на граѓаните, ќе се трудиме најголем дел од населбите да бидат опфатени, како и сите целни групи, нагласи градоначалникот Јорданов.
Тој додаде дека општина Штип ќе го субвенционира ЈП Стипион за овие линии да се одржуваат и да бидат функционални но и да се надоградуваат според потребите на граѓаните.
Запрашан за тоа што со возилата паркирани на постројките кои и денес го отежнуваа паркирањето на автобусите, Јорданов рече дека мора да се направи прилагодување на самите автобуски постројки на што ќе работи ЈП Стипион во наредниот перид, но најави и зачестени контроли во периодот кој следи.
- Дополнително мораме заедно со сообраќајната полиција да ги позачестиме контролите на самите постројки, затоа што луѓето сеуште имаат стари навики, времено се паркираат возила на постројките што создава метеж и проблеми во движењето и застанувањето на самите автобуси, мора заеднички сите да влијаеме на свеста и на тој начин да ја олесниме функционалноста на јавното претпријатие, за да нема застои и чекање, потенцираше Јорданов.
Во зависност од финансиските можности кои ги има општината и ЈП Стипион, градоначалникот најави и одредени пакети со повластени цени за користење на јавниот превоз од страна на лицата со попреченост но и други целни групи.
- Јас сум сигурен дека многу целни групи како на пример пензионерите кои се едни од најчестите корисници на јавниот градски превоз, студентите, учениците, лицата со одредени попречености ќе бидат опфатени со пакетите кои се планирани да бидат донесени дополнително, ова се пари на граѓаните тие го плаќаат јавниот градски превоз и ова е нивна потреба, ако тие побараат повластени цени тогаш секако дека ќе ги субвенционираме цените на билетите за одредени групи граѓани, вели Јорданов.
Од ЈП Стипион, одговорни за спроведувањето на јавниот превоз во градот информираат дека до крајот на денот или најкасно во текот на утрешниот ден, автобуските постројки ќе бидат дополнети со информатори за релациите како и за времето на доаѓање на самите автобуси за да можат граѓаните благовремено да бидат информирани.