Млади од Делчево во Словенија учеа за работата на пожарникарите

Осум ученици од основните училишта од Делчево заедно со градоначалникот, Горан Трајковски и претставници од ТППЕ Делчево присуствуваат на 20 интернационален противпожарен камп во Општина Чрномељ, Р. Словенија. На кампот учествуваат 190 деца поделени на водови, а за секој вод е определен по еден ментор. Учениците низ детски игри, дружење, показни вежби со пожарникарите, се запознаваат со работата на пожарникарите, учат како се користи опремата и што значи да се биде пожарникар. Целта на овој традиционален камп кој се одржува во Чрномељ, е да се мотивираат младите да се приклучат кон доброволните противпожарни друштва.

Учеството на ученици од Делчево на овој камп е резултат на добрата соработка на двете општини, Делчево и Чрномељ.

Градоначалникот Горан Трајковски во своето обраќање на отворањето на кампот, истакна дека соработката меѓу двете општини која започна минатата година со донации на две возила и опрема за делчевските пожарникари, испишува нови страници.

– Оваа соработка отвора перспективи и ги мотивира младите да ја засакаат оваа хумана професија. Очекувам дека ќе можеме ова практика на Општина Чрномељ за организирање младински противпожарен камп да ја примениме и во Делчево, бидејќи размената на искуства, основните познавање  за оваа професија кои се стекнуваат на ваков начин е во насока за мотивација на младите да ја засакаат и да ја разберат професијата пожарникар, рече Трајковски.

Инаку, градоначалникот Трајковски за време на престојот во Словенија ги посети и македонските војници кои работат на санација на штетите во поплавените подрачја при што имаше и средба со  командантот на војската, капетан Зоран Сумрачки.

Воедно, беше и дистрибуирана помошта која изминативе денови беше собирана од ученици од Делчево за помош на настраданите од поплавите во Делчево.