Почнува изработката на техничката документација за водоводот во Голак

Во рамките на Договорот за заедничка реализација на проектот „Изработка на технички документации за унапредување и промоција на конкурентските предности на Источен плански регион“ за Општина Делчево ќе се  изработува техничка документација за реконструкција на постоечка и изградба на нова водоводна мрежа за туристички локалитет ГОЛАК. Договорот беше потпишан денеска на Седница на Советот на ИПР, од градоначалникот Горан Трајковски и директорката на Центарот за развој на ИПР Зујица Ангелова,  а потребните финансиски средства за реализација на проектот се обезбедени од Министерство за локална самоуправа – Биро за регионален развој со вкупен износ на проектите за сите 11 општини од 4.248.036,00 денари и кофинансирање од Општина Делчево во  износ од 173.658,00 денари.

Основниот проект за водоснабдување на туристичкиот локалитет Голак треба да предвидува искористување и реконструкција на постоечките каптажи, доопремување на постоечките пумпни станици со комплетна автоматика, доградба или реконструкција на постоечките резервоари, реконструкција на постоечките главни цевководи и да се предвидат оградени заштитни зони за резервоарите, зафатите и каптажите. Разводната мрежа треба да се проектира како гранкаст систем со соодветни приклучоци, противпожарни хидранти, воздушни вентили, испусни вентили и други објекти потребни за нормално функционирање на мрежата. Вкупната должина на водоводната мрежа со главниот цевовод е приближно 6000 м.

На денешната Седница на Советот на ИПР беа потпишани и договорите за „Одржување на агрометеоролошки станици за заштита на земјоделските култури и животната средина во ИПР“, како и Договорот за дополнителни средства за финансирање на задачите и активностите на Центар за развој на Источен плански регион за 2023 година, а имаше и презентација за отворениот повик за инвестициски проекти по приоритет 1 „Зелен прекуграничен регион“ во рамки на Програмата INTERREG VI-A ИПА Бугарија – Северна Македонија.