Нешто повеќе од шест милиони денари од буџетот на општина Штип, ќе вложи општината во реконструкција на постоечката инфраструктура на неколку клучни улици во населбата Кадидаре, информираше денес градоначалникот Иван Јорданов.
Активностите кои се одвиваат на терен го опфаќаат едно од најтесните грла во градот, потегот на улиците Цветан Димов и Борко Талев, вели Јорданов, додавајќи дека на дел од овие улици веќе се работи на промена на подземната инфраструктура на водовод и канализација.
- Повеќе од три милиони денари инвестиравме во промена на водоводните и канализационите мрежи, на овие улици кои што со годините наназад биле застарени и создаваат проблем на домаќинствата од овој дел на градот, нагласува Јорданов.
Тој истакна дека денес се започнува со асфалтирање на оној потек каде што веќе е променета водоводната инсталација, односно улицата Цветан Димов, а во наредниот период по завршување на подземната инфраструктура ќе се асфалтираат и улиците Борко Талев и дел од Личка.