Како што најави во петокот, градоначалникот Иван Јорданов продолжува да ги “чешла” поранешните вршители на должност во општина Штип, за време чие работење беа утврдени неправилности од страна на ревизорската комисија.
Мета на кривична пријава за основано сомнение злоупотреба на службената положба и овластување , овој пат е поранешниот в.д градоначалник нa Штип, Јане Миланов, кој според Јорданов, во неговиот мандат од само неколку месеци направил основано сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во служба.
- Извршено е плаќање на економски оператори без давање на соодветен налог вовед во работа. Без соодветен технички прием, записник за извршена работа претходно, се исплатени финансиски средства од буџетот на општината, што е констатирано од страна на државниот завод за ревизија во 2021 година, потенцира Јорданов.
Тој вели дека ваквите неправилности според добиениот ревизиски извештај се случувале и се повторувале и во годините пред 2021.
Допрва Основното јавно обвинителство треба да ја одреди конкретната сума за која се терети поранешниот в.д градоначалник Миланов во периодот додека ја извршувал оваа финкција, но Јорданов нагласува дека вкупната непрописно исплатена сума во текот на 2021 година од парите на граѓаните, воопшто не е за занемарување.
- Државниот завод за ревизија констатирал дека вкупно 115 милиони денари во 2021 година се исплатени од буџетска сметка без при тоа да има технички прием на објектите за кои што се исплатени средствата, истото се случувало и во 2020та како и претходните години, додава Јорданов.
На поднесената кривична пријава побаравме одговор и од екс градоначалникот Миланов, чија писмена реакција ви ја пренесуваме во целост.
- Ова е класична дрскост кон јавноста, од страна на градоначалникот, кој веројатно несакајќи јасно и гласно посочи период од три години наводно незаконско работење, а притоа се задржа единствено на 3-4 месеци, кога на чело на оппштината бил Јане Миланов. Јавноста и моите сограѓани ме знаат како коректна личност која не крева галами без причина. Но ако некои ликови на моментални позиции решиле по секоја цена да целат исклучиво на лична основа, тогаш веројатно ќе треба да се адаптирам на нивните правила на игра. А материјал за вербални препукувања, особено на личен основ, на тема соработници и семејство …верувајте не недостасува. Во моментов сепак сметам дека треба да го задржам нивото.
Да не зборуваме дека оваа селективна изјава на највисок локален функционер, понатаму отвара основ за дополнителни законодавни дејанија и разврски, стои во писмената реакција од поранешниот в.д градоначалник Јане Миланов.
Со оглед на тоа што во споменатиот ревизиски извештај доставен до локалната самоуправа, се констатирани низа прекршоци и незаконски дејствија во текот на изминатите години, Јорданов најавува дека ќе продолжи со кривичните пријави, зашто како што вели должност му е да ја достави документацијата до јавното обвинителство, во спротивно според него локалната самоуправа би била соучесник во премолчување на делата.