Механизацијата на Јавните државни претпријатија во „офанзива“ во Делчево и последиците од поплавите

Владата одлучи јавни државни претпријатија да ги санираат штетите на улиците и патиштата во општините Делчево и Крива Паланка кои беа оштетени од поплавите од невремето што неодамна ги погоди подрачјата на двете општини, поради што беше прогласена кризна состојба.

Според владината одлука, во интерес на граѓаните за нивно санирање, заштита и реконструкција, ќе бидат ангажирани Јавното претпријатие за одржување магистрални и регионални патишта и Јавното претпријатие за јавни државни патишта. Двете јавни претпријатија имаат рок од шест месеци да достават извештај за извршената работа

Одлуката е донесена по известувањата доставени од општините со листа на приоритети за санација на штетите на инфраструктурата коишто се во надлежност на општината и листа на приоритети на инфраструктурни објекти коишто се во надлежност на Републиката.

Најкритичните места на кои веднаш ќе се интервенира во Делчево се:

-крак на булевар „Македонија“,

-улица булевар „Македонија“,

-мост на реката Брегалница,

-дел од улицата „Царевоселска“,

-дел од улица „Голачка“,

-дел од улица „Иво Лола Рибар“,

-дел од улица „Јане Сандански“

Градоначалникот Трајковски посочи дека ова е уште еден доказ дека оваа Влада покажува вистинска грижа за граѓаните и помага на сите, кога е тоа најнеопходно.

-Штетите предизвикани од силното невреме во Делчево се големи и оваа поддршка од Владата е клучна за санација на поголемиот дел од оштетената инфраструктура.  Останатата оштетена инфраструктура ќе се санира со средства од Буџетот на Општина Делчево. Очекувам деновиве да започнат градежните работи на критичните точки, рече Трајковски.

Силно невреме со пороен дожд и грмежи на 8 јуни во попладневните часови го зафати Делчево што предизвика оштетувања на дел од коловозите во градот и околината, а беа поплавени подрумски простории на куќи и други објекти во градот. До Општина Делчево беа поднесени 160 пријави за штети од физички и правни лица, а Комисијата за проценка на штетите по завршениот увид по поднесените пријави, ќе работи по новата Методологија и има обврска да изготви елаборат кој ќе биде доставен до Републичката комисија за проценка на штетите.