Над 200 милиони денари на штипјани годинава ќе бидат вложени во проекти во градот

Над 200 милиони денари од буџетот, пари на штипјани, годинава ќе им се вратат нив во форма на капитални инвестиции. Ова го најави штипскиот градоначалник Иван Јорданов кој вели дека и покрај економската и енергетска криза, но и долговите кои беа наследени, ќе продолжи да се работи на проекти во градот.

Јораднов најави асфалтирање на повеќе улици, а и завршување на веќе започнатите кои беа прекинати поради временските услови.

– Предвидуваме асфалтирање на низа на улици – „Борко Талев“, „Светиниколска“, „Скопска“ и „Битолска“. Ќе се поплочат сите улици во автентичен стил во Ново Село. Ќе се асфалтираат улиците „Коле Неделков“ и „Цвета Јовнова“, „Петар Поп Арсов“ во населба Железничка. Улиците „Борис Кидрич“, „11 октомври“, дел од улицата „Пиринска“ до спојот со улицата „Иво Лола Рибар“. Улиците „Добре Радосавлев“, „Сане Георгиев“ и улици во градските гробишта. Ќе се асфалтираат и „Четврти јули“, дел од улицата „Личка“, „Цветан Димов“, дел од улицата „Љубен Иванов“. Ќе се асфалтираа улицата „Руен“ во населба Баби, „Васил Доганџиски“, „Јаким Стојков“ и „Димо Хаџи Димов.“ Неколку пристапни улици ќе бидат асфалтирани и во пригратската населба Плуждино. Ќе се асфалтираат „Кристијан Карпош“, „Света недела“,  а ќе се реконструира и преминот преку река Брегалница кај Македонка. Ќе се асфалтираат  улиците „29 ноември“, „Тодор Чучков“ и „Никола Чаулев“, но и улици во Железничка, Караорман, Балканска, Чардаклија, Дузлачки рид и Каваклија, најави Јорданов.

Покрај асфалтирањето во програмата се предвидени и капитални проекти. Како пример Јорданов ги спомена конзолите на река Отиња, низводно од лева и десна страна, со што ќе се добие проширување на главните сообраќајници во централното градско подрачје. Предвидено е да се изгради и нов мост на реката Отиња, веднаш до постоечкиот кај гимназијата „Славчо Стојменски“.
Нов кружен тек, пак, ќе се направи на раскрсницата под паркот Крстиќ.

– Проблемот со паркирањето почнуваме да го решаваме со изградба на катни гаражи на две и повеќе нивоа, веднаш позади Домот на културата, веднаш до стоковната куќа „Нама“ и до зграда Промаја. Оваа година ќе го уредиме и градскиот плоштад, а ќе го започнеме и долго најавуваниот проект за изградба на булеварот Партизанска, за поврзување на населбата Осми ноември со населбата Баби, рече Јорданов.

Штипјани годинава треба да добијат јавен превоз и кино, а ќе се реконстурира и бањата Кежовица. Жителите на населба Железничка, пак, годинава конечно треба ја добијат долгоочекуваната нова канализациона мрежа.

– Продолжуваме и годинава со изградба на повеќе од 10 мултифункционални игралишта. Штипјани ќе добијат и целосно покриен градски пазар, со што ќе се подобрат условите на сите пазарџии, купувачи и продавачи на пазарот, рече Јорданов.