Во просториите на штипската библиотека „Гоце Делчев“ летово повторно владее детска енергија, смеа и желба за нови знаења. Преку внимателно осмислена програма, летната школа им нуди на најмладите учесници можност за креативно и едукативно поминато слободно време, надвор од училишните обврски.
Во текот на летниот распуст, библиотеката се претвора во центар на интерактивно учење, каде децата преку игра, песни, квизови и други работилници не само што се забавуваат, туку и ги развиваат своите вештини и знаења. Организаторите велат дека интересот од година во година постојано расте.
„Годинава интересот е навистина голем. Секоја активност што ја нудиме е внимателно избрана – има културна, едукативна и забавна компонента. Децата не остануваат само во библиотеката, туку ги водиме и во други установи, а планирана е и посета кај градоначалникот, во соработка со општината“, вели организаторот Љупчо Ѓоргиев.
Оваа година летната школа се организира по десетти пат, а во неа се вклучени 43 ученици. Организаторите потенцираат дека основната идеја зад проектот е создавање простор каде децата ќе можат да учат заеднички, да се дружат и да го развиваат чувството на припадност.
„Секоја година имаме стабилен број учесници. Летната школа претставува можност за заедничко учење и зајакнување на социјалните вештини. Ова не е само забава, туку и начин децата да стекнат нови знаења во опуштена атмосфера“, додава Ѓоргиев.
Новина годинава е вклучувањето на извидничкиот одред, што дополнително го збогатува спектарот на активности и им овозможува на децата да поминуваат време на отворено, во тимски игри и предизвици.
Дел од учениците се веќе „редовни“ посетители на летната школа и велат дека секое лето со нетрпение ја очекуваат оваа програма. За нив, тоа не е само одмор од редовната настава, туку и време кога можат да стекнат нови пријателства и да научат нешто повеќе на еден сосема поинаков начин.
Со ентузијазам кај организаторите и позитивна енергија кај децата, летната школа во библиотеката „Гоце Делчев“ сè повеќе станува препознатливо место каде знаењето и играта се сојузници.




