Делчево почнува со активности за изработка на Стратегија за енергетска ефикасност

Со цел планско управување со потрошувачката на енергија и запирање на непродуктивното трошење енергија – интелигентно користење на расположливите ресурси на енергија, Општината Делчево работи на Стратегија за енергетска ефикасност.

Овој значаен документ за период 2023-2025, Општината ќе го изработи со поддршка и експертиза од „Хабитат-Македонија“.

Како што е планирано, најнапред ќе се соберат информации за потрошувачката на енергија и податоци за состојбата на објектите кои ги управува Општината. Потоа следат препораки за спроведување проекти за енергетска ефикасност врз база на идентификувани можности за заштеда на енергија и зголемување на енергетската ефикасност во Општината со воведување мерки за подобрување на енергетската ефикасност и намалување на емисиите на CO2, како и зголемување на јавната свест во врска со енергетската ефикасност.

Подготовката на општинската програма за енергетска ефикасност е обврска која произлегува од Законот за енергетика и се однесува на период од три години. Реализацијата на програмата се спроведува преку годишни акциски планови и доставување извештаи за завршената работа за претходната година, кои содржат конкретни мерки што треба да се преземат за остварување на предвидените цели.

Главните цели на оваа програма ги следат стратешките документи и директиви на Европската Унија за декарбонизирана Европа до 2050 година и внесуваат нови искуства во примената на европската пракса кај нас. Насоките на оваа програма се темелат на европската зелена агенда, енергетската транзиција, примената на обновливите извори на енергија, зелената и циркуларната економија и зелени општини и градови.

Во изминатите години Општина Делчево работеше по две програми за енергетска ефикасност кои беа исполнети во голем процент, а беа имплементирани и неколку капитални проекти од енергетска ефикасност.