Интензивно се работи на рехабилитација на земјениот пристапен пат до општинскиот пат Л-10 во с. Илиово кој води до куќата на семејството Спасевски во Марковско Маало. Рехабилитацијата се врши во предвидена должина од 4 км, а опфаќа проширување на планинскиот пат, порамнување и поставување тампон на критичните места од патот.

 Оваа интервенција треба да ја подобри сообраќајната комуникација до Марковско Маало и да овозможи соодветни услови за превоз на учениците, како и на жителите кои гравитираат на овој дел од селото.

Градоначалникот Трајковски кој направи увид во работите, истакна дека Општината ги презема сите потребни мерки и активности за да овозможи соодветна сообраќајна поврзаност и на најоддалечените и критичните терени во Општината.

-Разговаравме и со семејството и очекувам дека со оваа интервенција на патот ќе ги отстраниме физичките препреки кои се посочени како причина за редовноста на учениците на настава. Во соработка со ООУ „Ванчо Прке” и во консултации со семејството и претходно баравме алтернативи за решавање на проблемот, но не дадоа резултати. Сега инвестираме во рехабилитацијата на еден од најоддалечените пристапни патишта во општината кој води низ планински терен и до една куќа, а е во должина од 4 км. Учениците мора да присуствуваат на настава, а родителите мора да разберат дека тие имаат и законска и родителска обврска да овозможат нивните деца да посетуваат редовно настава, нагласи Трајковски.   

Градежните работи ги изведува ЕУРО-БЕТОН од с. Град.